Георгиев најдобро започна од шестмината Македонци на ЕП во шах во Брежице

Во словенечкиот град Брежице се одржува Европското поединечно шаховско првенство, на кое меѓу 317 учесници од четириесет земји се шестмина претставници на Македонија. Нашата земја ја претставуваат велемајсторот Кирил Георгиев, фиде-мајсторот Емил Ристески, Филип Михов, Роберт Велески, Антон Златков и Хедон Мифтари. Засега, по четири одиграни кола, велемајсторот Георгиев е на 105. место со 2,5 поени, по победите над Израелецот Ори Кочави и Валентин Митев, ремито со Словенецот Марко Тратар, поразот од Украинецот Јуриј Козубов.

Ристески е на 134-то место со два поена, Михов на 225-то и Златков на 241-во со по 1,5, Мифтари на 262-ро и Велески на 269-то место со по еден поен. Во тек е петтото коло, во кое Георгиев за противник го има интернационалниот мајстор Јаир Парков од Израел, Ристески игра со велемајсторот Арсениј Нестеров, Михов се среќава со Артем Лутко од Украина, Златков е противник на интермајсторката Зала Урх од Словенија, Мифтари игра со Ангело Дамиа од Италија, додека Велески е на мегдан со Маркуш Златанович од Словенија.

Досега единствен со сите четири победи е велемајсторот Гудмундур Кјартансон од Исланд, кој стартуваше од 133-тата позиција.