Филип Панчевски победи на турнирот во забрзан шах „Алкалоид 2018“

Интернационален мајстор, македонски репрезентативец и државен шампион, Филип Панчевски е победник на традиционалниот отворен меѓународен шаховски турнир во забрзан шах „Алкалоид 2018“. 

Панчевски освои осум поени (седум победи и две ремија, без пораз) по девет одиграни кола и заслужено триумфираше, оправдувајќи ги прогнозите пред почетокот на турнирот. Српскиот велемајстор Борко Лајтхајм го освои второто место, а трет заврши уште еден надежен македонски шахист, интернационалниот мајстор, Дејан Стојановски.

Најуспешните македонски шахистки, ФИДЕ Мајсторот Моника Стојковска и ЖИМ Габриела Коскоска двете членки на ШК Алкалоид, покажаа одлична, многу борбена игра и освоија по шест поени. Со тоа ги освоија наградите наменети за прва и втора најдобро пласирани шахистки.

На турнирот беа доделени и голем број специјални награди. Наградата за најдобар ветеран над 65 години му припадна на Николов Коле, со освоени 6 поени. Најдобар шахист со рејтинг до 2.199 беше ФМ Тони Лазов (јуниор, член на ШК Алкалоид и на македонската репрезентација) со освоени 6 поени. Во категоријата шахист до 1.999 рејтинг поени најуспешен беше Јанчо Ѓорѓевски со освоени 6 поени, додека пак во категоријата до 1.799 рејтинг поени најдобро пласиран беше Антон Златков со 5,5 поени (посебно заслужува да истакне дека е јуниор до 12 години, член на ШК Гамбит Ассеко СЕЕ). 

Турнирот помина во препознатливата позитивна, фер атмосфера, со признак на шаховски празник кој ги следи настаните во организација на ШК Алкалоид.