Драмата во Сингапур продолжува: Динг израмни, Гукеш тешко го поднесе поразот

Невидена драма во Сингапур, каде се одлучува кој ќе биде светски првак во шах. Остануваат уште само две партии (потенцијално) до крајот на оваа пресметка, но засега сè е изедначено. Во понеделникот бранителот на титулата Лирен Динг со бели фигури по речиси четири часа и 39 потези го совлада предизвикувачот Гукеш Домараџу во дванаесеттата партија од оваа пресметка.

Резултатот во финалето сега е 6-6, а форматот на натпреварувањето предвидува 14 класични партии пред да се влезе во „тај-брејкери“. Вторник е ден за одмор, а во среда од 10:00 часот по средноевропско време, Гукеш ќе игра со бели фигури во тринаесеттата партија.

Неверојатен кам-бек во ова финале приреди Динг, кој беше отпишан по единаесет партии по колосалната грешка која ја направи. Тогаш Гукеш доби, мислеа многумина, огромна психолошка предност, но 32-годишниот велемајстор од провинцијата Жеџијанг не се откажа.

По поразот Гукеш бил обземен од негативни емоции, а „Гардијан“ забележа дека во еден момент дури и бил во солзи. Индиецот, кој во минатото беше член на македонскиот клуб Прилеп, штотуку стана полнолетен и го брка рекордот на Гари Каспаров и се надева дека ќе стане најмладиот светски шампион во историјата на шахот.