Денот кога светскиот шампион во шах загуби од компјутер Intel Pentium

На 31 август 1994 година се случи момент кој подоцна ќе биде запишан како важен дел од историјата на шахот и развојот на компјутерската интелигенција. Тогашниот светски шампион, Гари Каспаров, загуби партија од компјутер со Intel Pentium процесор, кој го користеше шаховскиот софтвер ChessGenius 2.

Каспаров важи за еден од најдобрите шахисти во историјата. Светски шампион стана во 1985 година, кога на само 22 години го совлада тогашниот шампион Анатолиј Карпов и стана најмладиот светски првак во тоа време.

Во текот на следните години Каспаров успешно ја бранеше титулата и се етаблираше како доминантна фигура во светскиот шах. Но, во деведесеттите компјутерите почнаа сериозно да му се доближуваат на човечкиот ум во оваа игра.

Главната предност на машините беше можноста за само неколку секунди да пресметаат огромен број можни комбинации и продолженија. Еден од првите големи сигнали дека компјутерите можат да им парираат и на најдобрите шахисти дојде токму во 1994 година.

Каспаров тогаш загуби една партија од компјутер опремен со Intel Pentium, на кој работеше програмата ChessGenius 2, развиена од Ричард Ланг.

Важно е да се напомене дека Каспаров не го загуби целиот меч, туку само една партија. Сепак, поразот имаше голема симболика - покажа дека компјутерите веќе можат да создадат сериозни проблеми дури и за актуелниот светски шампион.

Неколку години подоцна следеше уште поголем предизвик. Каспаров се соочи со Deep Blue, суперкомпјутерот на IBM. Во 1996 година успеа да го победи, но една година подоцна, во реваншот, компјутерот славеше во целиот меч.

По една од партиите, Каспаров призна дека одредени потези на Deep Blue биле целосно надвор од неговото разбирање.

Токму некои од тие потези кај него предизвикале сомнеж дека можеби имало човечка интервенција од тимот на IBM. Компанијата ги отфрли таквите тврдења, а никогаш не беше докажано дека човек интервенирал во текот на самата партија.

Без оглед на контроверзите, дуелите на Каспаров со компјутерите останаа значаен момент во развојот на вештачката интелигенција.