• Зоран Мишевски

Членовите на ШК Алкалоид, ИМ Филип Панчевски и ЖФМ Моника Стојковска, кои се минатогодишни државни прваци на Македонија во шах, стартуваа со победа во првото коло од овогодишните првенства на Македонија.
Во женска конкуренција настапуваат десет шахистки, кои ќе играат турнир според Бергеровиот систем од девет кола, при што ЖФМ Моника Стојковска е прв носител со највисок рејтинг од 2.042 поени. Таа во првото коло, водејќи ги белите фигури, извојува многу значајна, ефектна победа против директната конкурентка во борбата за нова титула, второрангираната Ивана Манова (1.928), принудувајќи ја да се предаде по 36 потези во нимцоиндиска одбрана. Леа Ефтовска, исто така членка на првата женска екипа на ШК Алкалоид и на државната репрезентација, по долга борба го подели поенот со Моника Жежовска.
На Отвореното првенство пријавени се вкупно 94 играчи, кои ќе играат турнир од 9 кола според швајцарски систем. Меѓу првите четворица тројца се од ШК Алкалоид, при што прв фаворит, според рејтингот, е ИМ Филип Панчевски (2.453), додека, пак, на трето и на четврто место се ВМ Звонко Станојоски (2.360) и ИМ Тони Лазов (2.356). Сите тие стартуваа со ефектни победи во првото коло, при што онаа на Лазов беше остварена по само 11 одиграни потези.
Првенствата се одржуваат од 4 до 11 мај во Скопје. Турнирските партии се играат во Хотелот „Континентал“.
На овие турнири учествуваат и повеќе јуниори од младинскиот погон на ШК Алкалоид, при што во женска конкуренција од најтрофејниот шаховски колектив во Македонија има три учеснички, додека, пак, на Отвореното првенство нивниот број е петнаесет.