Алкалоид за првпат не победи на ЕКК, Падова се избори за реми против „фармацевтите“

Во дербито на петтото коло на шаховскиот Европски клупски куп во Порто Карас, Грција, шахистите на Алкалоид по четирите победи го запишаа првото реми и тоа против ривалот за највисок пласман, Падова од Италија (3-3). 

На првата табла Кинезите Динг и Ванг одиграа без победник, за реми се изборија и  Ју, Андрејкин и Јаковенко. Единствената победа за нашиот претставник ја извојува Криворучко на шестата табла, а поразен беше само Елјанов. 

По денешното коло двете екипи остануваат лидери со по 9 бодови, исто колку и Нови Бор кој денеска славеше со 3,5-2,5 над Бер Шева.

Вториот македонски претставник на овој турнир Гамбит исто како Алкалоид одигра без победник, откако со резултат 3-3 го заврши дуелот со холандски БСГ. Арнаудов и Николовски, запишаа победа, Данчевски и Подлесник загубија, додека за реми се изборија Андоновски и Стојчевски.