Алкалоид ремизираше со Нови Бор, Медни Всадник го доби клучниот дуел со Валенсија

Полека се наближува крајот на Европскиот клупски Куп во шах во Струга, а на едно коло до крајот две екипи се одлепија на табелата и ќе водат битка за посакуваниот трофеј.

Најдоброрангираниот македонски клуб на овој собир, Алкалоид (прворангиран) ги загуби шансите за највисок пласман, откако одигра без победник на дуелот со чешки Нови Бор (3-3), откако сите партии завршија со реми.

Мамедјаров Шахријар на првата табла играше со бели фигури против најсилниот шахист од Индија, велемајсторот Харикришна Пентала. Се играше добро позната варијанта во која Мамедјаров не успеа да го изненади својот противник и партијата заврши со реми. Најголемата шанса за игра на победа Алкалоид ја имаше на втората табла, каде што велемајсторот Самуел Шанкланд се бореше против ВМ Радослав Војташек. Иако на прв поглед партијата изгледаше едноставно, сепак подоцнежната анализа од страна на американскиот велемајстор покажа дека се водела комплексна борба која на крајот заврши со реми. На третата табла креативниот руски велемајстор Даниил Дубов не успеа да се здобие со играчка позиција по отворањето, неговиот противник брзо изедначи и партијата заврши со реми.

На четвртата табла, велемајсторот Јуриј Криворучкко, играјќи со црните фигури целосно го неутрализираше притисокот на својот противник, велемајсторот Рагер Маркос и без никакви проблеми ремизираше. На петтата табла нашиот најуспешен шахист, велемајсторот Ернесто Инаркиев играше со бели фигури против одличниот шпански велемајстор Антон Гуиљаро Давид. По долга и изедначена борба, партијата заврши со поделба на поенот. На шестата табла, во партијата помеѓу велемајсторите Бартел Матеуж и Александр Предке се играше шпанска партија, ниеден од противниците не дојде до шанса за победа и партијата заврши со реми во 31-от потег. 

Прилеп забележа нова победа, откако со минимални 3,5-2,5 беше поуспешен од Гамбит Асеко СЕЕ, додека Гостивар загуби со 0,5-5,5 од белгиски Фиртцвелд (14). Клучниот дуел на колото го доби рускиот тим Медни Всадник, кој со 3,5-2,5 ја совлада шпанска Валенсија.

На едно коло до крајот на шампионатот, Медни Всадник е лидер со 11 бода, еден бод помалку имаат тимовите на Нови Бор и дански Хтракон, додека нашиот Алкалоид е четврти со 9 бода. Прилеп е стациониран на 12. место со 8 бода, Гамбит Асеко СЕЕ на 18-тото со шест, а Гостивар е 30-ти со 4 бода.