• Зоран Мишевски
По една година и пет месеци во вториот мандат како тренер на Доброгеа Суд од Констанца, поранешниот македонски селектор, Звонко Шундовски спогодбено го раскина договорот со романскиот клуб. Доброгеа Суд на социјалните мрежи објави дека на пријателски начин дојде до разделба со македонскиот стручњак кој направи многу за клубот.
Промените во раководењето со клубот, заминувањата на спортскиот директор Ангеловски и македонските репрезентативци Никола Митревски и Велко Маркоски беа прв сигнал за криза. Шундовски не го бираше тимот кој не е компетитивен како минатата сезона кога играше во групната фаза на ЕХФ Купот. Во шампионатот на Романија екипата загуби премногу натпревари и сезонава не може да се бори за највисок пласман.
Шундовски се враќа во Македонија и ќе ја чека следната понуда за враќање во тренерскиот занает. Со Доброгеа Суд Шундовски ги освои сите домашни трофеи во двата мандати и го одведе клубот до „фајнал-фор“ на ЕХФ Купот.