• Горан Упале
Ракометната селекција на Македонија забележа уште еден пораз во квалификациите за Европското првенство. Нашите ракометари во еден од најтажните денови во поновата македонска историја мораа да истрчаат на паркетот во Копер, откако претходно Европската куќа на ракометот не дозволи одложување на натпреварот.
По победата во Копер своите впечатоци ги искажа словенечкиот селектор Урош Зорман:
„Имавме многу проблеми пред оваа ЕФХ недела, но моите избраници одлично си ја завршија работата, за што искрено им честитам. Со исклучок на воведните десет минути од првиот меч во Скопје, сè останато беше во наша полза и ги надмина моите очекувања. Во двата меча се изгледаше многу лесно, но не беше така - Македонија е многу подобра репрезентација отколку што покажуваат конечните резултати“.
До крајот на квалификациите преостануваат уште две кола, во кои Македонија треба да слави над Литванија и Естонија за да обезбеди директен пласман на континенталниот собир.