• Горан Упале
Словенечката ракометна репрезентација е една од ривалите на Македонија во квалификациите за следното Европско првенство, кое што се игра во 2026 година. По денешниот „танц“ на топките во ждрепката во Копенхаген, словенечкиот селектор Урош Зорман не го криеше задоволството што од вториот шешир им се падна токму Македонија. Но, вели дека никако не смее да се отпише селекцијата предводена од Кирил Лазаров.
„Избегнавме некои селекции од вториот барабан, кои дефинитивно се повисоко рангирани од Македонија. Но, тоа не значи дека треба да ја отпишеме Македонија. Тимовите од третиот и четвртиот барабан носат малку комплицирани патувања, но можеме да бидеме задоволни со ждрепката.
Ние сме фаворити во групата, но оваа улога ќе треба да ја оправдуваме со игрите на теренот на секој натпревар“, изјави тренерот Урош Зорман.
Покрај Словенија, противници на Македонија во овие квалификации се и Литванија и Естонија. Натпреварите со Словенија ги играме во третото и четвртото коло.