Златко Мојсоски верен на Бутел, потпиша нов едногодишен договор

Десното крило на Бутел, Златко Мојсоски ќе остане во суперлигашот Скопје и во следната сезона. Искусниот ракометар се договори со раководството на клубот, го продолжи договорот на една година и ќе биде од тимот што ќе игра на домашна и на меѓународна сцена во ЕХФ Купот

„Чест ми е што сум дел од оваа успешна приказна, екипа која од година во година расте. Бутел Скопје е екипа составена од добри момци. Имаме одлична хемија и другарство, кое беше пресудно за ланската успешна сезона. Се надевам дека со моето искуство и професионализам ќе придонесам да се продолжат добрите резултати на екипата како на домашна сцена, така и во ЕХФ Купот.

Голема благодарност до управата, со која имаме одлична соработка и се надевам дека истата ќе продолжи и во иднина. Благодарност и до нашите верни навивачи без кои немаше да направиме историски успех за нашиот клуб минатата сезона“, истакна Мојсоски.

Пред да дојде во Бутел, стружанецот го носеше дресот на Еурофарм Работник, а низ кариерата играше и за Пелистер, Вардар, Работнички и Металург.