ЖРК Вардар во вториот дел потклекна пред холандски Јуро Унирек

Единствениот македонски претставник кој остана во еврокуповите, екипата на ЖРК Вардар, се наоѓа пред елиминација затоа што на домашен терен доживеа пораз (25-35) од холандски Јуро Унирек во рамки на ЕХФ Европскиот куп.

  • Комплетниот натпревар на ЖРК Вардар и Јуро Унирек:

Вардарки одиграа допадливо, меѓутоа немаа сила да се носат со противникот. Поразот пристигна поради подобрата игра на Холанѓанките во второто полувреме, кога успеаја да ја „скршат“ одбраната на ЖРК Вардар и да ги казнат сите грешки.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ тргна рамноправно, а по средината, односно петнаесеттата минута од натпреварот, Јуро дојде до првата посериозна предност. Од 6-7, гостинот замина на 7-10, потоа беше и 12-15, но со два врзани гола на Дамјаноска и Трпевска пред крајот на првото полувреме, на паузата резултатот гласеше 17-18 за гостинките.

Главната разлика холандските гостинки ја направија со две мини-серии од по два гола. Првата беше кога од 22-24 се казнија двете технички грешки на вардарки и се замина на 22-26, додека втората беше кога од 24-26, гостинот замина на 24-28, а потоа по исклучување на Џатевска следеше и гол за 24-29. Така, последните десет минути од мечот беа само рутина за Јуро и преку одлични контри и брза игра се запиша сигурна двоцифрена победа пред реваншот.

Најдобра кај ЖРК Вардар беше Михаела Стојановска со седум постигнати гола, пред Бојана Диневска и Ивона Трпевска со по четири гола, а кај Јуро, Есма Стал имаше дури единаесет постигнати гола. Реваншот на двата тима е за седум дена во Холандија.