• Иван Димовски

Ракометарките на ЖРК Вардар дојдоа до втората победа во Суперлигата на Македонија, откако славеа во пресметката против ЖРК Пелистер во Битола со 23-29 (10-15). Вардарки во салата „Боро Чурлевски“ одиграа убедлив натпревар, го надиграа домаќинот и по подвигот во Куманово, со триумф се враќаат и од Битола.
- Комплетниот натпревар меѓу ЖРК Пелистер и ЖРК Вардар:
Натпреварот тргна со скопска предност од 0-3, потоа и 1-5, а пелистерки не успеваа да фатат приклучок. Бргу на семафорот стоеја и убедливи 3-11, па јасно беше дека Вардар е во одлична позиција. До полувремето ЖРК Пелистер успеа да ја ублажи негативата и на пауза се замина со 10-15.
Во вториот дел девојките на Царчев продолжија во исто темпо, продолжија да ја градат предноста и да се движат кон победата. ЖРК Пелистер се обидуваше, но не успеваше да се врати резултатски, ама ниту гостинките не се одлепуваа дополнително. На крајот Вардар запиша триумф со шест гола разлика.
До победата Вардар го водеа Сара Миновска со седум и Сара Стефаноска со шест погодоци, додека Мари Франсоа во редовите на пелистерки даде седум гола.