ЖРК Вардар убедлив против Шампион, за шеста победа во низа во Суперлигата

Ракометарките на ЖРК Вардар продолжуваат со перфектните настапи во новата сезона на Суперлигата и попладнево ја запишаа шестата победа од исто толку натпревари.

Нова жртва на разиграните вардарки беше тимот на ЖРК Шампион, кој беше надигран и совладан со убедливи 17 гола разлика (17-34). Ракометарките на Шампион играа рамноправно само во воведните минути од натпревари, во кои на неколку наврати имаа и водство, но набргу „црвено-црните“ ја презедоа играта и започнаа да го полнат голот на противникот. 

На полувреме се замина со 9-16 за Вардар, а ништо ново не донесоа ниту вторите 30 минути. Фаворитот искусно го зголемуваше водството и на погонот на Диневска и Џатевски стигна до нова убедлива победа во домашниот шампионат. 

Диневска и Џатевски со по пет гола беа најпрецизни во редовите на Вардар, додека кај поразениот тим по три гола реализираа Димитриевска, Богоевска и Бојковска.