• Мартин Танасковски

Македонија остана со еден претставник во женскиот европски ракомет, затоа што ЖРК Вардар на домашен терен убедливо славеше над косовска Приштина (32-27) и патува во следната рунда во Европскиот куп на ЕХФ.
- Комплетниот натпревар меѓу ЖРК Вардар и Приштина:
Избраничките на Драгана Ристова одиграа перфектен натпревар и вторпат во една седмица беа подобри од ривалот од Косово. Домашната победа е далеку посигурна од онаа во Приштина, па така, ЖРК Вардар останува сам на овој фронт, по елиминациите на останатите македонски претставници.
Уште од самиот почеток вардарки беа оние кои беа во прв план на теренот во СЦ „Јане Сандански“. Мечот се отвори со серија од три гола (3-1) на Галевска, Трпевска и Диневска и косовскиот шампион константно бркаше резултат. ЖРК Вардар успеваше со мали серии да ја чува и надградува разликата, во 15. минута беше 12-6, а моментот на натпреварот се случи кога од 13-8, по два гола дадоа Галевска и Миновска и еднаш реализира Дамјановска, за највисоки „плус десет“ (18-8) на македонскиот претставник.
Високата предност од десет гола се задржа и на полувремето, па второто полувреме во Скопје беше само формалност. Ристова имаше шанса да ротира и да ги види на теренот сите ракометарки со кои располага. Сепак, победата не дојде под знак прашалник во ниту еден момент. Косовките успеаја само да го намалат поразот во финишот.
Најефикасна кај вардарки беше Сара Миновска со седум гола, пред Марија Галевска која одигра одличен натпревар со шест гола од шест обида. Трето име беше Катерина Дамјановска со пет гола, а Бојана Коцева постигна четири гола. Кај Приштина, Симоне Гнараба Кеита даде осум гола, пред Аида Стагова со седум реализации.