ЖРК Вардар го шокира вицешампионот, од Куманово се враќа со голема победа

Женскиот ракометен колектив на Вардар со победа ја отвори новата сезона во домашната Суперлига. „Црвено-црните“ приредија изненадување уште на стартот на шампионатот, затоа што од гостувањето кај фаворизираниот тим на ЖРК Куманово се вратија со голема победа од 21-23 (11-11).

  • Koмплетниот натпревар меѓу ЖРК Куманово и ЖРК Вардар:

Натпреварот кој што се играше на теренот на вицешампионот донесе многу пресврти и неизвесност, а избраничките на Александар Царчев беа поприсебни во финишот и заслужено ги грабнаа првите овосезонски бодови. 

Куманово во своите редови ја имаше расположената Алмеида Коста Андреза, која што беше незадржлива за противничката одбрана, и беше единствена со двоцифрен број на голови, но нејзината одлична партија не донесе резултат, затоа што тимскиот дух на вардарки беше одлучувачки за конечниот исход.

Сара Стефаноска со шест, Ивона Трпевска со пет и Бојана Коцева со четири гола беа најефикасни во победничката екипа, додека за Куманово се истакна Алмеида со 11 погодоци.