ЖРК Пелистер со втор пораз од Наиса се прости од Челинџ Купот

Македонскиот претставник во Челинџ Купот, екипата на ЖРК Пелистер, со два порази во двомечот со Наиса Ниш (34-24) ги заврши настапите во женското европско ракометно натпреварување.

Младите битолчанки имаа сила да се носат со ривалот дваесетина минути, но подоцна исплива заморот и пократкиот ростер на површина, па Наиса ја запиша втората победа, по вчерашната од 26-33 и оди во четвртфиналето од Челинџ Купот. 

ЖРК Пелистер се носеше со ривалот до 18. минута, кога резултатот гласеше 10-10. Потоа, од 12-11, Наиса преку Здравковиќ и Радовиќ поведе со 14-11, а потоа до паузата се дојде и до позитива од 17-12. Пелистер се обиде да даде отпор на стартот на вториот дел, но немаше сила. Танасковиќ беше главна ракометарка на Наиса, во предноста од 25-17, а потоа, домаќинот поведе и со 28-18, првпат двоцифрено на мечот, што воедно значеше и предвремен крај на надежите за успех на битолчанки во Ниш.

Најдобри кај Наиса беа Радовиќ и Танасковиќ со по пет гола, а Здраковиќ реализира четири, додека кај ЖРК Пелистер, Милосављевиќ даде шест, Јанкуловска пет, а Николовска четири гола.

ЖРК Пелистер во овогодинешната авантура мина едно коло во Челинџ Купот и во двомечот двапати го победи дебитантот Ла Сал од Малта.