ЖРК Металург со 41 гол разлика го прегази Кузман Вардар, победа и на Куманово

Ракометарките на Металург се „прошетаа“ и ги освоија бодовите на пресметката со Кузман Вардар со триумф од 11-52. Иако во салата „Автокоманда“ играа како гостинки, девојките од Металург го прегазија противникот со една од најубедливите партии сезонава. 

Кузман парираше само во воведните минути кога одржуваа мала негатива, ама пред паузата Металург со неверојатни серии се одлепи до 25-6. Ниту по паузата немаше промени во играта и резултатот, а предноста константно растеше па на крајот стигна и до огромни +41. 

Дамчевска Биљана беше најпрецизна кај Металург со десет голови, пред Ристовска со седум. Кај Кузман Вардар ниту една ракометарка не се истакна во единаесетте постигнати голови.

ЖРК Куманово се радуваше на гостувањето кај ЖРК Шампион и со убедливи 35-19 замина од Скопје со цел плен. Домаќинот се опираше и парираше само во првиот дел, а потоа им препушти на кумановки лесно да победат. Во победничкиот табор најкорисна беше Шарановиќ со осум, додека останатите голови беа убаво распределени.