ЖРК Металург испушти здив во вториот дел, Куманово извојува голема победа во Автокоманда

Екипата на ЖРК Куманово со голема победа се враќа од денешното гостување во Скопје, откако со убедливи 23-30 (11-13) славеше над ЖРК Металург во дербито на седмото коло на женската Суперлигата. Така со оваа победа кумановчанки остануваат лидери на табелата со седум победи од исто толку натпревари, додека денешниот пораз беше прв за тимот од Автокоманда, по петте триумфи во низа.

Големото дерби на женскиот ракомет започна со израмнета игра и без многу голови. Водството наизменично се менуваше, а домаќинките беа тие кои први се одлепија на два гола позитива (5-3). Но, Куманово знаеше како да возврати и со серија од 3-7 го презеде водството од два гола, кое не го испушти до крајот на првиот дел (11-13). Ангела Јанкуловска со четири гола беше водечка сила кај кумановски во првите 30 минути, додека во редовите на Металург се истакнаа Тасевска и Божиновска со по три гола. 

За разлика од првиот дел во кој двете екипи водеа голема битка, во вториот, младите ракометарки на Металург испуштија здив и дозволија ЖРК Куманово да го диктира темпото, а со тоа и да го зголемува водството. Избраничките на Краљевски одиграа супер-квалитетно второ полувреме, во кое на повеќе наврати водеа со пет гола, па потоа стигнаа до максимални осум, за на крај да слават со 23-30.

Предводник на кумановчанки во денешната голема победа беше Јанкуловска со седум гола, а два помалку постигнаа Трајковиќ и Боризовска. Во редовите на Металург најпрецизна беше Тасевска со шест, а четири погодоци постигна Божиновска. 

Единствени максимални екипи во Женската лига остануваат ЖРК Вардар и ЖРК Куманово.