ЖРК Металург до втора победа во 24 часа, успешен ден и за ЖРК Вардар

Екипата на ЖРК Металург го одигра вториот натпревар во 24 часа и забележа победа над ЖРК Пелистер (28-17) во рамки на групата во Суперлигата.

Тимот од Автокоманда поради европските обврски е ставен во еден т.н. маратон, затоа што игра три меча во три дена. Првиот го доби, а сега славеше и на вториот без потешкотии во меч во кој водеше од почетокот до крајот.

Марија Јанкуловска беше стрелец на девет гола, пред Борјана Коцева со шест реализации, додека Миновска и Ристиќ погодија по три пати. Кај Пелистер, Наталија Дишковска и Јована Конева имаа по пет гола.

Полн плен освои и ЖРК Вардар, на домашен терен против ЖРК Деспина од Прилеп (39-18). Убедлива партија имаше Леона Миленковска со осум гола, пред Јана Поповска и Сара Богојеска, двете по шест гола, а кај гостинките, Анастасија Јованоска и Сања Цветкоска имаа по пет гола.