ЖРК Металург броеше до 52, убедливи и Куманово и Ѓорче Петров

Фаворитите во женскиот ракометен шампионат, екипите на ЖРК Ѓорче Петров, ЖРК Металург и ЖРК Куманово забележаа победи на своите натпревари во рамки на Суперлигата.

ЖРК Ѓорче Петров кој е актуелен првак убедливо славеше во градската пресметка со ЖРК Вардар (35-22). Првиот дел заврши со пет гола позитива за ѓорчепетровки (20-15). Најдобра кај победникот беше Катерина Дамјановска со осум гола, пред Анамарија Коларовска со шест гола, а кај ЖРК Вардар, Леона Миленковска даде девет гола.

ЖРК Металург Автокоманда убедливо го доби тимот на ЖРК Гевгелија (52-10). Марија Гугуљанова реализира десет пати за тимот од Автокоманда, додека Борјана Коцева и Јана Ѓошевска имаа по девет гола. Кај Гевгелија, Симона Динева имаше шест гола.

ЖРК Куманово како гостин победи кај ЖРК Овче Поле СУ (33-12). Сара Цветановска имаше десет гола кај кумановки, а Јована Ангеловска имаше пет гола кај тимот од Свети Николе. 

Во последниот меч ЖРК Скопје со два гола во финишот ја доби драмата со ЖРК Ѓорче Петров МРК (29-27). Шехтанска и Петровска погодија по петпати, а Велкова беше најдобра кај гостинките исто така со пет гола.

Натпреварот меѓу ЖРК Астибо и ЖРК Стружанка не се одигра затоа што гостите не допатуваа и заврши со службени 10-0 за Астибо.