ЖРК Куманово постигна 49 гола и убедливо славеше над Овче Поле

Ракометарките на ЖРК Куманово продолжуваат со одличните игри во новата сезона на Суперлигата и по четири кола го задржаа максималниот учинок, но вечерва го запишаа и најубедливиот триумф.

Големиот фаворит за шампионскиот трофеј на свој терен постигна дури 49 гола и извојува убедлива победа над Овче Поле од 31 гола разлика (49-18). Сè беше решено уште во првите 30 минути во кои Куманово постигнуваше гол речиси во секоја минута (28), па на одмор замина со позитива од 21 гол. До крајот на мечот кумановчанки рутински ја контролираа играта и заслужено извојуваа победа од 49-18.

Трајковиќ и Кипријановска беа најпрецизни со по осум гола, Боризовска постигна шест, додека Чокели броеше до пет. 

Од денешната програма на четвртото коло на Суперлигата убедлив триумф запиша и ЖРК Металург, славејќи со 51-18 над Шампион, а нови бода впишаа уште Спартак, Чаир и Вардар, додека Стружанка и Гевгелија одиграа без победник (25-25).