ЖРК Куманово ја обедини „двојната круна“ со нов успех против Вардар

Екипата на ЖРК Куманово по титулата во Купот се радува и на титулата во првенството, откако славеше во пресметката со најблискиот ривал ЖРК Вардар (33-22) во дербито на колото.

  • Комплетниот натпревар на ЖРК Куманово и ЖРК Вардар:

Избраничките на Краљевски си ја завршија работата со одлично второ полувреме. Младите вардарки даваа отпор едно полувреме, по триесет минути на семафорот стоеше 16-14, а во вториот дел натпреварот замина во целост во корист на ЖРК Куманово кој важи за далеку поискусна екипа.

Јована Кипријановска беше најдобра на листата на стрелци со шест гола, пред Ана Шарановиќ и Амела Џакмиќ со пет гола, додека кај ЖРК Вардар, Ивона Трпеска запиша седум гола.

ЖРК Металург на домашен терен убедливо го совлада ЖРК Ѓорче Петров (32-25). Марија Тасевска беше најефикасна со девет гола, а Аида Смајлоска даде шест, додека кај гостинот Ања Велкова имаше седум реалиации.

ЖРК Стружанка си ја оправда улогата кај ЖРК Кузман-Вардар (18-40), воден од разиграната Магдалена Делиоска која дури 17 пати ја тресеше мрежата на противникот. ЖРК Чаир дома го совлада ЖРК Пелистер (35-29) - Николовска даде девет гола, пред Божиновска со седум, а кај битолчанки, залудни беа дванаесетте гола на Марија Јанкуловска.