• Иван Димовски

Ракометарките на ЖРК Куманово третпат го кренаа трофејот во Купот на Македонија кај дамите, откако ја добија драмата против ЖРК Вардар до 31-32 (12-15). Средбата во салата „Билјанини Извори“ во Охрид понуди голема битка, многу пати вардарки имаа кам-бек и можеа да го изненадат ривалот, ама на крајот не успеаја.
- Комплетниот натпревар меѓу ЖРК Вардар и ЖРК Куманово:
Фаворитките тргнаа резервирано, не притискаа премногу од стартот и тоа им дозволи на девојките од Скопје да диктираат темпо од почетокот. Вардарки играа одлично во нападот, цврсто во одбраната и така одржуваа минимална предност. Сепак, кумановчанки кои беа далеку поодморени бидејќи не играа во полуфиналето, пред полувремето заиграа посигурно, го свртеа резултатот и на одмор заминаа со водство од 12-15.
На стартот на продолжението Куманово се одлепи на максимални +5, па следеше опуштање. Тоа максимално го искористија девојките на Царчев. Следеше серија од 8-2, со која во целост се анулира негативата и вардарки минимално поведоа (20-19). Тренерот Славиша Димитриески реагира со тајм-аут, па успеа да ги разбуди своите ракометарки. Куманово се врати во ритам, па користејќи го својот квалитет дојде до три гола која ја одржуваше до влезот во последните десет минути. Иако изгледаше дека кумановчанки имаа сè во свои раце, бидејќи имаа ракометарка плус, со два гола предност, тоа не беше така. Вардарки изборија драма во завршницата, по неколку грешки дојдоа до егал во завршните 30 секунди. Сепак, со девојка помалку скопјанки капитулираа и Граматова погоди на десет секунди до крајот. Во брз налет Вардар промаши, па трофејот патува во Куманово.
Најдобра ракометарка во финалето беше бразилската претставничка на Куманово, Алмеида Коста Андреза која даде 11 погодоци, додека кај вардарки се истакна Сара Стефановска со еден помалку.