ЖРК Чаир со убедлива победа во реваншот во Косово останува на меѓународна сцена

Женската екипа на Ѓорче Петров нема да биде единствениот македонски претставник во следното коло на евро-куповите, затоа што ЖРК Чаир покажа квалитет во клучните моменти против косовскиот тим на Истогу и со убедливата победа во реваншот од 33-26 патува во следната фаза во Европскиот Куп. На првиот од двата дуели на косовско тло, нашиот тим загуби со минимални 34-33, но вечерва ги исправи грешките и заслужено продолжува понатаму.

Чаирчанки имаа одлична реакција по вчерашниот пораз. Уште од самиот старт на реваншот тргнаа мотивирано, за краток период резултатски се одлепија и сигурната предност не ја испуштија до последниот судиски свиреж. 

На полувреме предноста на македонскиот тим беше четири гола (16-12), во продолжение истата се искачи и на максимални осум (30-22), за на крај на семафорот да застане на 33-26 за Чаир. На косовскиот паркет блесна Марија Николовска со осум погодоци, а по пет впишаа Гулицоска и Ѓорѓиевска. Кај поразениот тим се истакна Луна Коншалвес со осум гола, еден повеќе од Да Роча.

За разлика од ЖРК Чаир, вчера ЖРК Металург не успеа да слави во двомечот со ПАОК и забележа елиминација уште во првата квалификациска фаза.