ЖРК Чаир со убедлив пораз во вториот дел се прости од Европа

Македонскиот претставник во Европскиот куп, екипата на ЖРК Чаир, не успеа да изненади и со пораз од Макаби Аразим Рамат Ган (37-32) испадна од европското натпреварување.

Чаирчанки парираа во првото полувреме по кое на пауза заминаа со еден гол негатива (16-15), но во вториот дел се распаднаа. Серијата 5-1 на израелскиот тим на стартот на вториот дел му пресуди на македонскиот тим, паднаа и две исклучувања, па на Макаби му беше лесно да игра понатаму.

Најдобра кај Макаби беше Керен Теплитски со осум гола, пред Јулија Кавронина со седум реализации, додека кај македонскиот тим Теодора Гулицоска имаше одлични 12 гола, а Марија Николовска и Мариами Михелидзе имаа по пет.

Ова беше второ искуство за ЖРК Чаир во Европа, по она со косовски Истогу, кого успеаја да го елиминираат во претходната рунда од Европскиот куп.