• Горан Упале
Филип Кузмановски го одигра најдобриот натпревар во дресот на македонската репрезентација, а без никаква дилема и еден од најдобрите индивидуални настапи на еден македонски ракометар во историјата на националниот тим.
Капитенот ја одигра својата „животна партија“ во црвено-жолтиот дрес, токму тогаш кога беше најпотребно, против силната и фаворизирана Португалија, во натпревар кој за Македонија имаше карактер на финале и значеше сè или ништо во борбата за пласман понатаму на Европското првенство.
Нашата селекција одигра храбро и пожртвувано, а на крајот успеа да извлече голем бод против светската ракометна велесила, ремизирајќи 29-29. Најголеми заслуги за овој резултат има токму Кузмановски, кој одигра натпревар за паметење и постигна неверојатни ПЕТНАЕСЕТ погодоци, односно повеќе од половина од вкупниот број голови на Македонија.
Со својата прецизност, лидерство и смиреност во клучните моменти, капитенот постојано ја држеше Македонија во игра, носејќи ја репрезентацијата на свој грб во најтешките периоди од натпреварот. Шест пати ја затресе мрежата на Португалија во првото полувреме, а во вториот дел беше уште поубиствен, реализирајќи девет гола против една од најцврстите одбрани на турнирот.
- Сите гола на Кузмановски против Португалија:
Со овој учинок, Кузмановски испиша и историја, израмнувајќи го рекордот на легендарниот Кирил Лазаров по бројот на постигнати голови за Македонија на еден натпревар - петнаесет. Сегашниот селектор Лазаров до овој учинок стигна во 2009 година, на Светското првенство во Хрватска, во натпреварот против Јужна Кореја, но тој имаше и продолженија на располагање.
Настапот на Кузмановски против Португалија уште долго ќе се прераскажува меѓу македонските навивачи и љубителите на ракометот, како симбол на борбеност, лидерство и безрезервна посветеност кон репрезентативниот дрес.





