Женскиот Ф4 на ЛШ останува во Будимпешта до 2024 година

Женската европска титула и во иднина ќе се решава во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта. На отворањето на У19 Европското првенство во Ѓер, денес беше потпишан договор меѓу Европската ракометна федерација и градот Будимпешта за продолжување на соработката до 2024 година. 

Објектот во кој ќе се игра и натаму Ф4 турнирот е изграден во 2001 година, а пуштен во употреба две години подоцна. Капацитетот на арената која го носи името на славниот унгарски боксер е 11.390 гледачи за спортски настани од овој тип, а кога се одржуваат концерти прима и 12.500 гледачи.

Салата се наоѓа на северниот дел од градот и важи за еден од најмодерните културни и спортски објекти во градот на Дунав. 

Македонскиот претставник ЖРК Вардар четири пати играше на „фајнал-фор“ на Лигата на шампионите, двапати дури и финален натпревар, но не ја освои европската круна.