Австрија ги прекина првенствата, заврши сезоната за македонските интернационалци

Австријската ракометна федерација одлучи да ги суспендира сите натпреварувања кои се под нивна капа. Коронавирусот ја зафати и оваа земја која веќе има над 10.000 заразени, па челните луѓе на ракометот решија да не ризикуваат. 

Федерацијата одлучи дека сезоната 2019/20 е суспендирана во целост и шампиони нема да бидат прогласени. Придобивки од прекинот на првенството ќе имаат македонските интернационалци во Австрија. Во Линц настапуваат Горан Крстевски и Никола Костески кои се повремени репрезентативци, како и пензионираниот Влатко Митков од Брегенц.

Брегенц и Линц се наоѓаа во делот кој се бори за опстанок, но според одлуката оваа сезона нема да има релегација или пласман во понизок, односно повисок ранг. 

Митков настапува во австриските шампионати подолг период, а член е на Брегенц од 2018 година кога од Кремс се одлучи за нов предизвик. Од друга страна Костески и Крстевски се со пократок престој во Линц, бидејќи пристигнаа минатата година.

Освен првите лиги, прекинати се и Купот на Австрија, регионалните и младинските првенства на Австрија.