Засилување за Романија, Симона Стојковска ѝ се приклучи на репрезентацијата 

Иако имаше најави дека Симона Стојковска нема да биде во можност да ги брани боите на Македонија на бараж дуелот со Романија, сепак, левиот бек најде решение како да допатува во Скопје и им се приклучи на своите колешки во подготовките за последната пречка за пласман на следниот Мундијал.

Ракометарката на Цвикау беше под знак прашалник дали ќе настапи на двата натпревари против фаворизираните Романки, но веќе решени се сите дилеми и Стојковска ќе му се стави на располагање на селекторот Симе Симовски. 

27-годишната ракометарка има одлична сезона во дресот на германскиот второлигаш, со коj е на одличен пат за пласман во Бундеслигата, а својот квалитет го покажа и на квалификациите во Скопје, на кои имаше забележителни настапи против Исланд, Грција и Литванија.

Македонија гостува прва во Романија, средбата во Букурешт е закажана за 17 април од 17:00 часот, додека реваншот во СЦ „Јане Сандански“ е четири дена подоцна во истиот термин.