Засилување за ЛШ: Владислав Остроушко се враќа во Еурофарм!

Екипата на Еурофарм Работник е пред ангажман на старо-ново име во своите редови, затоа што украинскиот репрезентативец Владислав Остроушко е пак во Битола и наскоро се очекува да стане „фармацевт“.

Остроушко беше еден од најдобрите играчи на македонскиот вицепрвак во ланската сезона, но неочекувано се збогува со тимот и замина во Романија. По само два месеци престој во романскиот шампионат, тој ќе се врати во Македонија, како засилување за Еурофарм во Лигата на шампионите.

Договорот меѓу двете страни ќе биде едногодишен. Дебито во старо-новата средина оваа сезона Остроушко ќе го има против Спортинг Лисабон, на првиот историски натпревар на тимот во ракометната Лига на шампиони.

Покрај во Лигата на шампионите, Еурофарм Работник ја претставува Македонија и во регионалната СЕХА-лига.

Претходно, Остроушко пристигна во Еурофарм Работник на стартот на 2019 година од турски Селкаспор. Во својата кариера тој има настапувано и за Баја Маре, швајцарски Кадетен, Азоти Пулави.