Започна реконструкцијата на култната сала „Расадник“ во Скопје!

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска го означија почетокот на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“.

Обновата на култната скопска сала, која со години беше оставена во руинирана состојба, е еден од капиталните проекти на Министерството за спорт за подобрување на спортската инфраструктура во Македонија како основа за подигнување на спортот на повисоко ниво.
Вредноста на овој проект изнесува 120 милиони денари, а рокот за изведба на проектот е 15 месеци.

Министерот за спорт Борко Ристовски ја истакна важноста на овој спортски објект за локалната заедница, но и за македонскиот спорт во целина.

„Со особено задоволство го означуваме почетокот на проектот за комплетна реконструкција на салата „Расадник“, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но и беше дом за многу деца и многу генерации што се занимаваа со спорт. Она што го ветивме почнуваме да го реализираме.

Од понеделник почнува комплетната реконструкција на салата, проектот за реконструкција чини 120 милиони денари. Се надеваме дека со една добра соработка со изведувачот и со поддршка од локалната самоуправа и константна комуникација со Министерството за спорт, реконструкцијата ќе биде завршна и во многу пократок рок. Средствата се обезбедени, останува само да се испочитува тој динамички план којшто ќе го договориме со економскиот оператор и повторно да го вратиме сјајот на оваа сала. Со реализацијата на овој проект „Расадник“ повторно ќе биде дом на многу спортови, сала која ќе призведува нови спортисти и во која ќе се промовираат вистински вредности, а не да биде ваква руина оставена на времето во која повеќе од 15 години не е ништо направено“, рече министерот Борко Ристовски.

Тој нагласи дека во Министерството за спорт, покрај средствата што се издвојуваат за поддршка на спортот, паралелно се посветува внимание и на капиталните инвестиции за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура која е од круцијално значење за спортот.

На настанот со кој беше означено отпочнувањето на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“, денеска присуствуваа бројни граѓани, спортисти како и долгогодишниот претседател на РК Вардар, Михајло Михајловски и доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски.