• Горан Упале
Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер е поразен на гостувањето кај Магдебург во натпревар од шестото коло на Лигата на шампионите. „Зелено-белите“ немаа решение за брзата игра на домаќинот, а одличен на голот беше и голманот Хернандез, кој собра 12 интервенции.
На една од нив спречи нов погодок на Дејан Манасков, кој сигурно долго ќе се вртеше во ракометната јавност. Македонскиот ас доби топка на шест метри и за да не направи престап мораше да шутира од цепелин и свртен со грбот кон голот. Тоа го направи добро, но шпанскиот голман не дозволи уште една магија во режија на искусниот ракометар на Еурофарм Пелистер.
ЕХФ на своите социјални мрежи го објави обидот за атракција на Манасков и напиша: „Замислете да влезеше и ова“
Манасков натпреварот во Германија го заврши со три гола, два од пенал и еден од игра.







