Залудно шоу на Димевски, Пролет преку Куманово им се врати на победите

Екипата на Пролет 62 дојде до ново славје во македонскиот ракометен шампионат и дома го доби тимот на МРК Куманово со резултат 28-25 (16-15). Ова беше средба во рамки на седмата рунда од Суперлигата.

Избраниците на Александар Јовиќ се покажаа како посигурни во играта во второто полувреме и така ги освоија бодовите. Тимовите беа резултатски близу, а главниот исчекор кон триумфот скопскиот суперлигаш го направи кога од 20-21, постигна пет гола во серија и поведе со 25-21. Куманово оттогаш цело време бркаше, но не успеа да се врати во дуелот на помалку од два гола негатива.

Андреј Стојановски беше најефикасен кај Пролет со шест погодоци, по пет постигнаа Василевски, Шилегов и Бахар, додека кај тимот на Куманово, Давид Димевски имаше спектакуларен меч со 15 гола, но не успеа да му помогне на својот тим.