Залудни 22 гола на Белевска и Милосављевиќ, Чаир со цел плен си замина од Битола

Ракометарките на ЖРК Пелистер загубија на домашен терен во дуелот со ЖРК Чаир (36-41).

Битолчанки останаа без бодови и на седмиот меч во новата сезона. Денес немаа сили да направат изненадување против лидерот на табелата и останаа заковани на дното на табелата.

Ефикасноста ги красеше двете екипи, па на крај тие комбинираа за вкупни 77 погодоци. Првиот дел им донесе предност на гостите, кои направија одлична серија во завршницата и заминаа на пауза со 17-24.

Анастасија Белевска продолжи онаму каде што застана на дуелот со Вардар - Кузман. Овојпат доби помош од Драгана Милосављевиќ, која исто така запиша одличен настап. Сепак двете најдобри ракометарки на домашната екипа не беа доволни за да се запише деби победа во новиот шампионат.

Најефикасна на теренот беше Анастасија Николовска со 13 погодоци, а по 11 гола за Пелистер запишаа Белевска и Милосављевиќ.