Залудни 15 интервенции на Митревски, Алборг го елиминира Порто од ЛШ!

Алборг

Порто e елиминиран од Лигата на шампионите, откако на реваншот кај Алборг загуби со 27-24. Поради поголемиот број голови во гости, ракометарите на данскиот првак се радуваат на четвртфиналето.

Македонскиот голман Никола Митревски блескаше во првото полувреме. Собра дури 12 интервенции и имаше 57% успешност во одбраните. Тоа му помогна на гостинот да го следи чекорот на ривалот, и покрај лошата и неефикасна игра во нападот.

Натпреварот започна со резултат 0-3 на семафорот, но набрзо работите се променија. Данскиот првак започна да игра во препознатливо брзо темпо и целосно се врати во игра. На пауза замина со минимална предност (10-9), па пред себе остави уште работа за комплетирање на пресвртот.

До самиот финиш се играше гол за гол, а домашниот тим никако не успеваше да ја достигне негативата од три гола од првиот натпревар. Тоа го направи дури на две минути до крајот, кога стигна до 26-23. Херој на домаќинот беше Јенсен, кој го постави конечниот резултат и го однесе данскиот претставник во четвртфиналната фаза.

Кај Алборг најефикасен беше Клаар со шест гола, а покрај Митревски и неговите петнаесет одбрани, во редовите на португалскиот шампион се истакна Итуриза Алварез со шест погодоци.