• Мартин Танасковски

Некогаш беше најдобар стрелец на Европско првенство, Олимписките игри и Лигата на шампионите, но денес Нора Мерк е непрепознатлива и не може да крене глава од повредите.
Норвешката репрезентативка се здоби со нова незгодна повреда само што се врати на терен и ќе мора да паузира подолго време. 28-годишната Мерк како член на ЦСМ Букурешт настапи во Суперкупот против Валчеа, но го повреди коленото по 30 минути игра.
„Не можам да верувам дека имам толку лоша среќа. Жалам затоа што се повредив, тукушто влегов во добра форма и се тргна добро. Жалам што нема да можам да му помогнам на тимот во нареднииот период, сакав да играм и заедно да ги остваруваме целите“, изјави Мерк.
Искусната ракометарка ќе мора да паузира шест месеци и првиот дел од сезоната за неа е завршен. Додатно, боли тоа што Мерк паузираше 14 месеци поради повреди, а само што се врати, повторно ќе мора да оди „под нож“.