„Загрижен сум, зошто Кристопанс добива различен третман од судиите?“

Кристопанс Летонија

Бундеслигашот Фуксе Берлин ужива во талентот на Даинис Кристопанс, нешто што македонскиот првак Вардар го правеше во претходните неколку сезони.

Летонецот веднаш се адаптира во новата средина и покажа дека е играч од светска класа. Престојот во Германија му е до крајот на тековната сезона, а потоа кариерата ќе ја продолжи во ПСЖ кај Раул Гонзалез.

Спортскиот директор на „лисиците“, Стефан Кречмар, е задоволен од играта на 215-сантиметри високиот летонски репрезентативец, кој според него добива различен третман од судиите во однос на останатите ракометари.

„Даинис засега игра одлично. Ги надмина сите наши очекувања. Ме загрижува само третманот на судиите кон него. Тие имаат различен критериум за него во однос на останатите на теренот. Понекогаш двајца или тројца се обидуваат на груб начин да го спречат, а судиите остануваат неми. Зошто е тоа така?“, прашува легендарниот германски ракометар.

Фуксе Берлин стои на петтата позиција на табелата во Бундеслигата, а во наредното коло игра дерби против Флензбург кој е второпласиран.