Загреб немоќен против ПИК Сегед, шести пат загуби во групата на пелистерци во ЛШ

Ракометарите на ПИК Сегед славеа на гостувањето во Загреб со 23-28 (10-10) во рамките на шестото коло во Лигата на шампионите. Средбата во „Арена Загреб“ од групата на Еурофарм Пелистер понуди израмнет прв дел, а потоа фаворитот стигна до својата цел и му го нанесе шестиот пораз во исто толку натпревари на домашниот тим. 

Загрепчани одиграа одличен прв дел, парираа и беа целосно рамноправни против ривалот. Во два наврати домашните водеа и со по два разлика, а на одмор се замина со нерешени 10-10. Сепак, во продолжението бргу ПИК Сегед го скрши домашниот отпор и предноста почна да расте. 

Во еден момент Загреб се врати на „минус два“, ама немаше сили за изненадување и претрпе релативно висок пораз. Филип Главаш со шест гола беше најефикасен на мечот, додека кај ПИК Сегед се истакнаа Јелиниќ и Алустиза со по пет.

Гостинска победа во групата А забележа Спортинг кај Колштад (30-34). Норвежаните имаат за што да жалат, бидејќи на полувреме имаа предност од четири гола (19-15), а потоа вториот дел го загубија со резултат 11-19.