Загреб „избега“ од домаќинот: Вардар против Мешков на Ф4 во СЕХА!

Хрватскиот ракометен првак ППД Загреб во последното коло од СЕХА-лигата загуби од Татран Прешов (28-29), со што му го предаде на Вардар врвот и воедно му донесе „домашен ривал“ на завршницата во регионалното натпреварување.

Загрепчани на овој дуел играа во комбиниран состав, па токму затоа дуелот со Татран Прешов беше драматичен и се реши во самиот финиш. На полувреме, „плинарите“ имаа предност од еден гол (16-15), а во финишот, Татран иако имаше негатива од три гола (23-20), се избори за изедначување (23-23).

Иако остана без Урбан, поради црвен картон, словачкиот тим го сврте во своја полза и се играше повторно неизвесно до самиот крај. Победата за Татран Прешов ја донесе Крок, со погодок од девет метри во последните секунди (28-29).

Најдобар кај победникот беше Буторац со девет гола, го следеа Рабек и Лапајне со по четири гола, а македонскиот репрезентативец Костески постигна два гола. Кај Загреб, Равниќ постигна пет гола.

Вардар завршува како лидер во регуларниот дел од СЕХА-лигата и на Ф4-турнирот во Брест, Белорусија, ќе вкрсти со домаќинот Мешков Брест. Во второто полуфинале ќе се игра „хрватско дерби“ меѓу ППД Загреб и Нексе Нашице.

Натпреварите на завршниот турнир каде Вардар ја брани титулата ќе се играат на 2 и 3 април.