Загреб го изненади ПСЖ и обезбеди осминафинале, Киелце го остави Колштад без плеј-оф

Екипата на Киелце стигна до шестата победа во групата А од Лигата на шампионите и славеше со конечни 31-23 над норвешкиот претставник, Колштад. Полскиот состав беше подобар во текот на целиот натпрар и сосема заслужено дојде до нова победа пред своите гледачи. 

Избраниците на Талант Душебаев одиграа подобро прво полувреме и имаа предност од три гола на паузата (13-10), а потоа го потврдија веќе започнатото и до крајот успеаја да триумфираат уште поубедливо. Клучната разлика се чини дека се „кршеше“ околу 50. минута, кога Киелце поведе со 20-14, а конечната победа беше изразена со осум разлика (31-23). Најефикасен играч во победничкиот состав беше Алекс Душебаев со осум голови. Со оваа победа оолскиот првак остана со шанси за директно четвртфинале, но во следното коло мора да го совлада Алборг во Данска. Колштад и теоретски ги загуби шансите за плеј-офот и заедно со Еурофарм Пелистер ќе го заврши настапот во елитата следната недела.

Загреб на домашен терен одигра одличен натпревар против гигантот ПСЖ и успеа да го изненади големиот фаворит, совладувајќи го во самиот финиш со конечни 28-26. Хрватскиот тим со овој триумф дефинитивно си обезбеди пласман во осминафиналето, додека „светците“ од Париз ги загубија шансите за директно учество меѓу осумте најдобри во елитниот ранг. 

Првото полувреме заврши во егал (13-13), но Загреб во вториот дел покажа голема ангажираност и сосема заслужено дојде до исклучително важен триумф пред домашните 15.000 гледачи. 

Најдобар поединец кај ПСЖ беше Шипжак со шест голови, додека кај домашниот тим на Загреб прво име беше неверојатниот Лука Ловре Кларица, кој запиша десет погодоци зад своето име.