• Зоран Мишевски
Македонија и Хрватска имаат многу разкометни сличности, а една од најважните е секако преминот на македонски ракометари во најпопуларниот хрватски бренд - Загреб. Лазаров, Марковски, Јовиќ, Ангеловски се само дел од ракометарите кои минале од Битола во Загреб, а последниот трансфер е во спротивен правец - трансферот на Костески од Хрватска во Македонија пред повеќе од три години.
На вчерашната средба со новинарите, тренерот на битолчани Бранислав Ангеловски со голем респект зборуваше за својот поранешен клуб.
„Доаѓа една ракометна институција. Ако погледнеме во минатото не треба многу да зборуваме за името на противникот. Сите олимписки и светски шампиони со хрватската репрезентација мораа да поминат низ таа школа.
Загреб беше магнет за сите млади играчи во Југославија. Ја имав таа среќа, а можеби и привилегија, да бидам дел од Загреб заедно со Лазаров, Марковски, Јовиќ, потоа и Стоилов и Мајнов. Загреб секогаш ги бираше најдобрите таленти од нашите простори. Поминав одлични три сезони во Загреб. Тие сезони ме лансираа да имам уште подобра интернационалионална кариера. Со восхит зборувам и за клубот и за Загреб како град и за Хрватска“, рече на средбата со новинарите тренерот на пелистерци.
Со вчерашниот триумф на ПИК Сегед против Киелце, задачата на Загреб да се избори за осминфинале на Лигата на шампионите е уште потешка. Ако не победат во Битола, Хрватите ќе ги сведат на минимум своите шанси за елиминационата фаза. Тој императив дека само еден резултат им одговара на гостите од Хрватска, може да боде дополнителна предност за пелистерци.