• Зоран Мишевски

Македонскиот првак ЖРК Вардар го победи Хипо со 37-25 (15-14) во последниот домашен натпревар од првата групна фаза во Лигата на шампионите во женска конкуренција. Во дуел на две екипи со нерамноправен квалитет, отпорот на гостите беше „скршен“ во второто полувреме кога Вардар со серија од 12-1 меѓу 37. и 51. минута дојде до лесна победа.
Австрискиот Хипо посебно во првиот дел искористи неколку грешки па дури успеа и да поведе на почетокот од вториот дел со 17-19. Потоа дојдоа двете исклучувања за Ковач и Дедиќ, што нашите ракометарки успеаја да го искористат со три гола по ред. 10 минути подоцна следуваше уште една серија од 6-0, и водство 29-20 во 51 минута. На крајот 37-25 и лесна победа како на тренинг за екипата на Индира Кастратовиќ и Јан Питлик.
Лејно со 16 одбрани, Лекиќ со 9 и Пенезиќ со 6 гола беа најистакнати во победничкиот тим, а Турнер со 6 гола се истакна кај гостите од Виена. Со новите два бода, Вардар сега има вкупно 8, но во главната фаза од ЛШ ќе пренесе само 4, оние од победите над Митјиланд. Натпреварите од главната фаза ќе почнат во јануари следната година, и ќе се играат уште шест кола, со екипите на Будуќност, ЦСМ Букурешт и Савехоф.