За Дувњак не постои друг клуб освен Кил – го продолжи договорот до 2022!

Иако се шпекулираше дека ерата на Домагој Дувњак во Кил завршува по крајот на оваа сезона, сепак хрватската ракометна ѕвезда се реши да ја прифати понудата на германскиот гигант и стави потпис на нов договор. 

Еден од најдобрите бекови во европскиот ракомет долги години е меѓу најдобрите во редовите на „зебрите“, а се предвидуваше дека како последица на трансферот на Сагосен од ПСЖ, тој ќе си заминe, но до тоа не дојде. Дувњак денес си подаде рака со челните лица на Кил на соработка на уште две години (2022).

„За мене не постои друг клуб, Кил е најдобриот на светот. Се вративме на старите патеки, се бориме за трофеи и затоа не сакам да го напуштам овој клуб. Среќен сум што и во иднина ќе играм пред полни трибини и фантастични навивачи“, рече Дувњак по продолжувањето на договорот.

Хрватскиот ас во редовите на Кил се пресели во 2014 година и досега за Бундеслигашот има одиграно 231 натпревар и постигнато над 800 голови.