Вујовиќ: Се плашам од овој пораз, загубивме добиен меч!

Седум порази во низа е билансот на Вардар 1961 во Лигата на шампионите и сега тимот стравува за пласманот во нокаут-фазата. Последен кој го зеде скалпот на „црвено-црните“ беше ППД Загреб (23-22), а по натпреварот, тренерот Веселин Вујовиќ беше видно разочаран и истакна дека се плаши како неговиот тим ќе реагира понатаму по овој неуспех.

„Вложувавме многу надеж за овој натпревар дека можеме повеќе. Загубивме добиен меч, грешевме кога не смеевме да грешиме. Честитки за ППД Загреб за важната победа во овој тежок и грд натпревар. Игравме доста лошо, не знам зошто е тоа, дали е тоа една голема тензија, тоа е за подлабока анализа.

За седум дена ни следи важен натпревар против Еурофарм Пелистер. Се плашам дека овој пораз може да создаде негативен ефект кај моите играчи. Седум натпревари немаме победа, против сите играме добро, но бодовите се впишуваат кај ривалите. Се надевам дека ќе имаме подобри игри понатаму и ќе се пласираме во следниот круг, што е цел на нашата екипа, а на ППД Загреб му посакувам само успеси“, изјави Вујовиќ.

Вардар со овој пораз падна на седмата позиција на табелата, додека ППД Загреб е шести. До крајот три клуба ќе водат битка за тоа последно место за нокаут-фаза, а покрај Вардар и ППД Загреб, тука е и Мешков Брест.