• Иван Димовски

Катарската ракометна репрезентација се обиде, ама немаше сили целосно да ѝ парира на полетната Македонија и претрпе пораз од 39-34. Пресметката од второто коло на главната фаза на Светското првенство мина во наш знак и заврши со прв македонски триумф во оваа рунда.
По мечот на средбата со новинарите зборуваше катарскиот селектор Веселин Вујовиќ, кој одново ја пофали Македонија.
„Честитки до Македонија и мојот колега Лазаров. Тие беа подобри од Катар денес. Ова натпреварување е тешко за мојот цел тим. По два натпревари во кои примивме 80 гола, тоа е премногу. Се обидовме да менуваме, да напаѓаме позиционо и да ја смениме дефанзивата. Овој меч заврши, честитки до Македонија одново која в сабота треба да ужива против Французите. Ние ќе се обидеме да одиграме добар натпревар против Унгарија“, изјави Вујовиќ.
Освен Вујо, пред новинарите зборуваше и голманот Анадин Сулијаковиќ, кој кажа:
„Честитки до ривалот, одиграа многу добро денес. За жал не можевме да го следиме тоа темпо, особено во дефанзива. На крајот тоа беше многу важно. Следниот меч не ни значи, меѓутоа мора да дадеме 100% на последниот меч со Унгарците“.
Катар во последното коло ќе се судри со Унгарија, додека Македонија оди на мегдан со Франција.