Вујовиќ: Правевме почетнички грешки и заслужено загубивме од ПИК Сегед

Ракометарите на Вардар 1961 загубија во дуелот од осмото коло во Лигата на шампионите против ПИК Сегед, на домашен паркет со 27-30. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ мина во знакот на гостите, кои долго водеа и не си дозволија изненадување.

По дуелот, на прес-конференцијата својот став го изнесе предводникот на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ по петтиот последователен пораз на Вардар. Иако видно разочаран, стручњакот нагласи дека целта на клубот е пласман во нокаут рундата и се надева дека тоа ќе го исполни.

„Честитки до ПИК Сегед за заслужената победа. Јас сум многу разочаран, не од резултатот туку од начинот на игра. Напаѓачки правевме почетнички грешки. Тие се одлепија и потоа ја одржаа предноста. Немавме расположени играчи. Тие се во моментов подобри од нас, нивниот проект започна одамна и се борат за врвот. Кажав дека ќе дојдат тешки времиња, но и покрај тоа го делам разочарувањето со фановите. Наша цел е да минеме во втората рунда, се надевам ќе ја исполниме. Овој пораз е тежок, ама не е тука крајот. Жал ми е што не дадовме сè од себе. Можеби резултатот ќе беше ист, па затоа постојат различни лица во поразите. Јас дојдов во Вардар да го спасам, кога клубот беше речиси пред гасење. Јас не дојдов кога клубот имаше многу пари и фантастични играчи, а сега не е така. Реалноста на Вардар е таква, да се бори за петто или шесто во групата. Ако сметате дека некој тренер со ваков тим може да направи подобри резултати, слободно нека дојде, јас немам проблем со тоа“, смета Црногорецот.

Покрај другите теми, Вујовиќ се осврна и на лошиот старт на натпреварот. Тој објасни што било пресудно за ПИК Сегед лесно да се одлепи и да победи во Скопје. 

„Ние пред првиот натпревар одгледавме многу видеа. Нивната најголема сила е конекцијата меѓу Бомбач и бековите со Банхиди, па гледавме да ги сопреме. Сепак, не успеавме да го направиме тоа. Колку и да е силна нашата одбрана, речиси секој пас на Банхиди беше гол. Се обидовме на сите начини, со различни типови на одбрана.

На стартот кажав да играме мирно и трпеливо на овој дуел и да не грешиме во напад, а тоа не се случи. Промашивме шест избрзани шутеви на стартот и тогаш започна конфузијата, па одевме од грешка во грешка. ПИК беше подобар речиси во сите сегменти и победи“, заврши Вујовиќ.

Ова беше последен домашен натпревар за Вардар во групната фаза на елитното натпреварување, а во завршните две кола двократниот европски првак ќе гостува кај Кил и ППД Загреб.