• Саше Љолес

Хрватскиот ракометен премиерлигаш, РК Нексе Нашице, официјално го постави за нов тренер легендарниот Веселин Вујовиќ, кој ќе се обиде да го симне Загреб од тронот после тридецениска доминација.
Црногорскиот стратег изрази задоволство од ангажманот и се обрати пред новинарите на неговото претставување, а воедно изјави дека е голем оптимист за остатокот од сезоната.
„Искрено се надевам дека ќе ја оправдам довербата од управата. Моите зборови не се важни, важно е како ќе изгледаме на теренот и какви резултати ќе оствариме. Претседателот на клубот ми ја објасни визијата на Нексе и многу ми се допадна тоа што го чув.
Овој клуб има голема традиција, а јас ќе се обидам со моето водство да помогнам да го кренеме тимот на уште повисоко ниво. Имаме одлични играчи и верувам дека можеме да бидеме успешни. Не дојдов во Хрватска за да бидам втор, сакам да ја освоиме титулата“, рече Вујовиќ.
Веселин Вујовиќ има пребогата тренерска кариера зад себе и ќе биде главен адут во тимот на Нексе, кој се обидува конечно да се искачи на самиот врв во хрватскиот ракомет.