Вујовиќ ѝ одговори на НФЛ ѕвездата која го исмеваше ракометот

Неодамна Џеј Катлер, НФЛ ѕвездата од САД, јавно зборуваше за ракометот и го привлече вниманието на најголемите имиња во ракометниот свет. Според неговите зборови, тој заедно со Леброн Џејмс и Патрик Махомес лесно би го освоиле златниот медал на Олимписките игри.

„Мислам дека тоа е лесна игра. Играте со екстра мала топка која треба да ја сместите во голот. Мислам дека без никакви дилеми јас, Леброн и Патрик би биле дел од тим кој ќе го освои златниот медал на Олимписките игри“, беа зборовите на Катлер.

Никола Карабатиќ и Даниел Нарцис беа дел од ракометните ѕвезди кои му одговорија на самоуверениот Катлер, а сега тоа го направи и легендарниот тренер Веселин Вујовиќ.

„Неговата изјава е смешна. Па, како ќе победат во спорт без да ги познаваат основните правила? Ракометот е далеку поразличен од НБА и НФЛ лигата. Ракометарите вежбаат техника на исфрлање на топката во текот на цела своја кариера. Се работи за два различни света“, изјави Црногорецот.

Вујо исто така се надоврза со констатација дека ракометарите побрзо би се снашле во американските спортови, отколку спортисти од САД во ракометот.