Вујовиќ: Еурофарм е одличен тим, нашата задача во Битола нема да биде лесна

Македонскиот вицешампион Еурофарм Работник ќе го пречека ППД Загреб во рамките од десеттото коло во СЕХА лигата. Првата средба во Хрватска заврши во полза на „плинарите“, кои запишаа бодови со минималната победа од 24-23.

Веселин Вујовиќ, тренерот на загрепчани, очекува да има тешка задача на ова гостување во Битола.

„Натпреварот ќе биде клучен за нас со цел да го завршиме регуларниот дел од сезоната на добра позиција во групата Б. Очекувам да биде добар затоа што Еурофарм е навистина добар тим. Нашата задача во Битола ќе биде далеку од лесна, бидејќи тие одиграа одлична дебитантска сезона во Лигата на шампионите и сигурно се мотивирани откако минаа низ тренерската промена. Сепак, ќе дадеме сè од себе за да освоиме три бода на гостински терен пред важните три домашни натпревари против Спартак, Мешков и Веспрем“, изјави црногорскиот стратег.

Хрватскиот првак е претпазлив пред овој меч, со оглед на тоа што „фармацевтите“ победија на последната средба на домашен терен, против Бидасоа Ирун во Лигата на шампионите.

Денешната средба во „Боро Чурлевски“ се игра денес во 17:15 часот.